• 23 февруари 2018
  • Вести денес: 71
Весна Дамчевска17:02 13 февруари 2018 ● Прочитано 3153

Со 50,1 проценти младинска невработеност, Македонија е на трето место во светот по невработени млади во листата на Светска банка, која се повикува на процените на Меѓународната организација на трудот (ИЛО) за 2017 година. Со поголема невработеност се само Јужна Африка со стапка од 54,2 проценти и Босна и Херцеговина со стапка од 67,5 проценти. Од регионот, пак, најголема младинска невработеност има Грција – 47,4 проценти, во Србија таа е 33,7 проценти, во Хрватска – 29,4 проценти, во Словенија- 15,4 проценти, а во Бугарија – 15 проценти.

Според дефиниција, млади невработени се лица од 15 до 24 години, кои се подготвени да работат и кои презеле активности да најдат работа во последните четири недели. Овој податок се смета за многу важен во однос на тоа како една генерација ја почнува, односно не ја почнува, својата работна кариера. Значи, овде не станува збор за млади луѓе кои се во образовниот систем и кои не бараат работа.
Но, како што покажуваат податоците на Државниот завод за статистика на Македонија, разочарувачки се стапките на невработеност и на младите над 25 години. Така, невработеноста кај оние меѓу 15 и 19 години е 58,9 отсто, од 20 до 24 години невработени се 46,1 отсто, а од 25 до 29 се 35,2 отсто.

Загуба за луѓето, економијата и општеството

На темата младинска невработеност, свој став изнесе професорката Марија Топузовска-Латковиќ.

„Неуспехот младите луѓе да се интегрираат во светот на работата има пошироки последици, пред сè, врз идниот просперитет и развој на земјите. Невработеноста на младите, како и ситуациите во кои младите луѓе се обесхрабруваат и се откажуваат од потрагата по работа или, пак, прифаќаат да работат во несоодветни работни услови, несомнено предизвикува загуба за економијата, општеството и самите млади луѓе“, анализира Топузовска Латковиќ, во текстот објавен на Республика.еду.мк.

Таа потенцира дека, „доколку на младите луѓе во оваа деликатна биолошка возраст, полна со надеж и возбуда во врска со очекувањата за иднината, на патот кон нивната (финансиска) независност се испречат многубројни бариери уште на самиот влез, многу веројатно е дека тоа ќе предизвика фрустрација, стрес и негативни чувства за себеси и окружувањето“.

Стимулации од Владата

Во Планот за економски раст, кој треба да биде активен од март или од април, има повеќе мерки со кои треба да се поттикнат нови вработувања на млади луѓе, но тие повеќе се насочени кон високообразован кадар. Така, засновањето работен однос по првпат е еден од критериумите за поддршка за креирање нови работни места, со плата поголема за 50 проценти од минималната, односно со плата над 18.000 денари, при што државата ќе дава 20 проценти од износот.

Од Активните мерки за вработување, во тек е оглас за бесплатна обука за напредни ИТ-вештини. Инаку, овие курсеви се скапи и за невработените, главно недостапни.

На крајот од минатата година министерката за труд и социјална политика Мила Царовска најави дека младинската невработеност е во посебен фокус.

- Следејќи ги глобалните трендови за намалување на транзицијата „од диплома до вработување“, посебен акцент ставаме на младите невработени лица. За првпат, како никогаш досега, на младите амбициозни луѓе со визија, им се дава шанса и одлична можност за отворање сопствен бизнис. Планираме отворање 140 млади стартапи, кои со доделен неповратен грант од 10.000 евра ќе добијат простор да влезат на пазарот на трудот и да го покажат својот потенцијал - изјави Царовска.

Владата неодамна ја усвои и информацијата за „младинска гаранција“, која како пилот проект ќе се спроведува во три општини.

– „Младинската гаранција“ значи во одреден период државата да финансира директно пари за бруто-плати на млади луѓе што завршиле образование и се подготвени да се обучуваат или трајно да се вработат. За бизнис-заедницата тоа ќе значи бесплатно подготвување кадар, обучување на претходно теоретски подготвените млади луѓе, со намера, ако навистина вредат, да добијат трајно вработување и да биде искористен нивниот потенцијал – изјави премиерот Зоран Заев.

Инаку, во повеќе студии за млади што се изготвени од невладиниот сектор повеќе од 65 проценти од младите изјавиле дека очекуваат тешко да најдат работа. 

(Објавено во „Слободен печат“)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Бектеши бара да се забрза донесувањето на законот за финансиска поддршка на инвестициите

Сакам да ги повикам сите пратеници што побрзо да го гласаат овој закон бидејќи е во интерес бизнис заедницата.

Владата почнува процедура за трет мобилен оператор

Зборуваме за мрежен оператор, а не за виртуелен за што се потребни сет на мерки, напори и измени на некои подзаконски акти, рече Манчевски

Поддршка за компаниите да се вклучат во локалниот економски развој

Со грантови и техничка поддршка треба да се овозможат услуги за микро, мали и средни претпријатија (ММСП) и стартапите.

Стоби Флипс - Прв македонски бренд во вселената

Флипсот беше лансиран на 36 000 метри и целиот пат до орбитата на Земјината топка е регистриран во видео запис.

Сугарески - Жбогар: Изградбата на автопатот Демир Капија - Смоквица во предвидените рокови

На средбата се разговарало и за изградба на железницата на Коридор 8, проектот за реконструкција на 10-те железнички станици на Коридор 10.

НАЈЧИТАНИ