• 21 јануари 2018
  • Вести денес: 53
Плусинфо11:33 10 јануари 2018 ● Прочитано 7785

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна го објави романот „Исушено блато“ на најконтроверзниот хрватски писател и предвесник на хрватската авангарда – Јанко Полиќ Камов, во превод од хрватски јазик на Татјана Ѓорговски.

Јанко Полиќ Камов е декадент, егоцентрик, чудна и контроверзна личност, апокалиптичен поет, прв хрватски поет на асфалтот. Тој е најнеобичната фигура во новата хрватска литература, авангардист пред да настапи хрватската книжевна авангарда, неприфатен и несфатен во своето време, но и забрануван. Ја оспорува традицијата, ги отвора табуата, внесува иновации во литературата. Во неговите дела има сатира, сарказам, еротизам, револт против канонскиот морал; пишува жестоко, радикално, директно и искрено. Живее слободоумно и разуздано, а неговото творештво се потпира на автобиографските елементи и на неговиот немирен дух. Допира многу табуа за сексот, развратот, пороците, болестите, лудилото, смртта...

Најпознато дело му е романот „Исушено блато“ – своевиден интимен дневник на авторот. Слободен е во исказот и отворено и со иронија пишува за сè што го опкружува главниот лик, од општествените состојби до алкохолизмот, садизмот и инцестот. Имал голема слобода во животот, но и во пишувањето.

Романот е поделен на три дела – „На дното“, „Во широчина“ и „Во височина“, ги следи интимното и хрониката во раскажувањето, што претставува збир на клучните карактеристики во неговата новелистика: авангардистички пресврт во поглед на традицијата, т.е. наследените композициско-организациски начела на дотогашната проза, грчевита смена на интроспективните одломки и егзистенцијалистичките, моралистичките дискусии, парадокси и апсурди.

Романот е приказна за Арсен Топлак, млад интелектуалец и писател. Во првиот дел „На дното“ тој открива дека боледува од опасна болест која била вообичаена во тој период – на самиот почеток на 20 век. На својата болест гледа како на предност, затоа што му овозможува поинакво искуство од обичните луѓе. Раскажувањето е во трето лице, а освен темите за пријателството, ги опфаќа семејните ситуации, проблемите од социјалната природа и љубовните врски.

Неговите дела не биле прифаќани за време на неговиот живот, како од критиката, така и од уредниците и издавачите. Го одбиваат сите издавачки куќи, но и театрите за драмите. Единствениот и постојан мецена е неговиот имотен брат Владимир, кој му овозможува за кусо време да ги објави првите четири книги. Умрел од туберкулоза на неполни 24 години, а за кусиот живот напишал релативно богат опус. Автор е на книгите: Пцост (1905, поезија) и Иштипана хартија (1907, поезија); Прикажувања (1914, новели, написи и фељтони: Ecce Homo, Брада, Слобода, Жалост, Катастрофа, Неранимајко, Жена, Костум, Тавтабита), на драмите: Трагедија на мозоците (1906), На родната грутка (1907), Манастирски драми (1907: Оргија на монасите, Девица), Човештво (1908), Маминото срце (1910) и на романот: Исушено блато (1906-1909).

Неговото најпознато дело, романот „Исушено блато“, кој се смета за провокативен урбан роман, во Хрватска не бил објавуван до 1957 година.
 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Конференција на министрите за култура во Давос: За култура во срцето на урбаното планирање

Во фокусот се заклучоците за Декларацијата која го промовира концептот на култура на изградба Баукултур (Baukultur).

Балет за деца „Снежана и седумте џуџиња“ во МОБ

Во последните два дена од месецов, како и на 2 февруари, ќе биде изведен балетот „Оревокршачка“ од Чајковски.

Последниот дел од трилогијата „Лавиринт“ во кината низ Македонија

Според режисерот Бол, ова е најголем филм кој го имаат досега направено и воедно најкомплицираниот.

„Писателот оддалеку“ на Владан Матијевиќ преведен на македонски

Владан Матијевиќ (1962) е меѓу најнаградуваните современи српски писатели – добитник е на највисоките книжевни награди во Србија.

НАЈЧИТАНИ