• 21 јануари 2018
  • Вести денес: 53
МИА09:46 08 јануари 2018 ● Прочитано 15449

Единствениот симфониски оркестар во Македонија во 2017 година ја доби долгоочекуваната концертна сала која се градеше осум години. Новиот дом на Македонската филхармонија беше отворен на 21 мај во организација на претходната власт, но дозволата за употреба ја доби на 25 октомври кога и ја почна концертната сезона. Наместо во стандардниот термин во четврток, овој концерт беше во среда како среќа, а симболичен беше и насловот: „Нов почеток“.

Објектот е застаклен и модерен, различен од барокните врсници. Салата е и акустички современа, па може со гордост да угости звучни имиња од светот на музиката. За нејзината изградба државата должи приближно уште 15 милиони евра кон австриската фирма „Страбаг“ и за сервисирање на обврските во буџетот во културата за 2018 намени 600 милиони денари или 15 отсто од вкупниот буџет за дејностите од културата.

Но, главниот град во 2017-та и загуби концертен простор. По неколку години нефункционирање на Универзалната сала, во иднина нема да постои ниту Метрополис арената поради затворањето на Скопскиот саем. Последниот музички настан таму беше во ноември кога групата „Меморија“ одржа концерт за јубилеј од основањето. На таа локација повеќе ќе го нема ни саемот на книга.

Во Скопје концерти имаа Стинг, Ванеса Меј, „Џипси кингс“... Меѓу ѕвездите на Скопскиот џез-фестивал беше Ди Александер од Чикаго, која важи за една од најталентираните и најпочитувани џез-пејачки во светот.

И фестивалот „Охридско лето“ првпат во 57-годишното постоење беше отворен со џез-концерт - во Античкиот театар со Македонската филхармонија настапи американскиот квартет „Форплеј“.

Мајските оперски вечери донесоа еротска „Травијата“ на сцената на Македонската опера и балет. Идејата на германската режисерка Верена Штојбер беше да прикаже „нормални“, а не бајковни ликови во новата постановка на познатата Вердиева опера, во која насловниот лик го играше Ана Дурловски. Атрактивна за скопската публика беше и француската претстава „Пиксел“ на отворањето на „Танц фест 2017“, која прикажа спој на современ танц и дигитална технологија.

„Трудна приказна“ на Театар Комедија беше прогласена за најдобра претстава во целина на 52. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Во јуни го имавме и МНТ Фест, а септември кој е, исто така, месец на театарски фестивали (ФКТ „Ристо Шишков“ и Млад отворен театар) го одбележа и фестивалот „Иван се враќа дома“.

Гостуваше московскиот театар „Мастерскаја П. Фоменко“ со три претстави на Иван Поповски кои имаа по две распродадени изведби. Меѓу нив и „Сон на летната ноќ“ која во Русија е наградена со престижната „Златна маска“. Во Македонскиот народен театар беше поставен вториот лиценциран мјузикл - „Мама миа!“.

Девет средновековни теракотни икони од локалитетот Виничко Кале во октомври отпатуваа на изложбата „Империи на верата“ во најстариот универзитетски музеј во светот - „Ашмолијан“ во Оксфорд, каде што ќе останат до февруари. Претставувањето го организираше Археолошкиот музеј на Македонија со помош на Фондацијата „Кирил Трајковски“ од Лондон. Управата за заштита на културното наследство, пак, третпат учествуваше на меѓународниот саем за културно наследство во музејот Лувр. Во 2017 година Управата просторно се оддели од Министерството за култура и се всели во нов објект.

Ретроспективната изложба по повод 90 години од раѓањето на Петар Мазев, еден од најзначајните претставници на македонската модерна уметност, на отворањето во Даут-пашин амам имаше таква масовност која, барем во изминатите десетина години, може да се спореди со отворањата на изложбите на Салвадор Дали, Вазарели и Хенри Мур во Музејот на современата уметност.

Според податоците од Националната галерија на Македонија, на отворањето вечерта на 2 ноември имало 3 000 луѓе, а до крајот на декември изложбата ја виделе речиси 10 000 посетители. Ќе биде поставена до крајот на месецов.

„Златниот венец“ го доби американскиот поет со српско потекло Чарлс Симиќ, но пред почетокот на 56. Струшки вечери на поезијата јавноста преку социјалните мрежи повеќе се занимаваше со назначувањето претседател на Управниот одбор на поетскиот фестивал и неговото повлекување од функцијата.

„Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски пролетта ја доби наградата „Роман на годината“ за 2016-та од редакцијата на Утрински весник, кој набргу потоа згасна. Новата фондација „Славко Јаневски“, основана неодамна од новинари и уредници на тој весник, ќе продолжи да го доделува ова признание со непрекинат континуитет од 1999 година. Конкурсот за „Роман на годината“ за 2017 е во тек и завршува на 15 јануари.

Во првиот викенд од декември Скопје беше домаќин на жирирањето и доделувањето на книжевната награда „Балканика“ за две претходни години. Ја добија писатели од Албанија (2015) и Турција (2016).

Во 2017-та имавме наплив од македонски ТВ-серии, и тоа со добра гледаност. Домаќинствата низ државава имаа можност и да видат некои актери што им беа познати само по гласовите во бесконечните турски серии. По ситком-серијалот „Преспав“, кој почна на крајот од 2016 година и пред две седмици продолжи со втора сезона, на три различни национални телевизии се прикажуваа три серии: една снимена по лиценца - „На терапија“, и други две: „Фамилијата Марковски“ и „Инсајдер“ - проекти на македонски автори.

Серијата насловена „Македонија“, пак, наместо да почне да се прикажува, заврши како обвинителен предмет. За неа преку медиумите спореа и меѓусебно се прозиваа директорот на Агенцијата за филм на РМ и хрватскиот продуцент од „Јадран филм“.

Филмови и фестивали како и во минатите години, но две премиери го привлекоа вниманието: „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар-Митевска предизвика полемика и реакции дека слободно го интерпретира сè уште нерасветленото злосторство кај Смилковското Езеро, а „Исцелител“ - болна приказна раскажана ведро од Ѓорче Ставрески, беше прва македонско-грчка копродукција и прв наш филм со награда од публиката на фестивалот во Солун. Првиот премиерно во Македонија беше прикажан на ИФФК „Браќа Манаки“, вториот на фестивалот „Синедејс“.

Милчо Манчевски го сними петтиот игран филм – „Бикини Мун“, прв негов филм во кој не учествува Македонија. Копродукција е меѓу САД, Германија и Канада и се снимаше во Њујорк.

И во политичката култура, покрај творечката, имаше новини. По девет години министер за култура, Елизабета Канческа-Милевска на 1 јуни 2017 функцијата му ја предаде на Роберт Алаѓозовски. Следуваа директорски смени во установите од културата и опозициски реакции по нив, најави за укинување или измени на претходни закони, меѓу кои и недоделување на титулата национален уметник...

Новиот министер најави партиципативност и вклученост на неинституционалната култура, па со „Нов културен бран“ покрај проекти на институциите и општините, беа прифатени и поддржани и проекти од независната сцена.

Се креираше и расправаше за новата петгодишна стратегија за културен развој (2018-2022), а работна група во Министерството почна да го ревидира проектот „Скопје 2014“ за кој има постапки во обвинителствата. Во отчетот за сто дена влада во септември Алаѓозовски го нарече проект-вирус што го ставаат во карантин и го третираат изолирано.

Пред крајот на годината беше претставен буџетот за културата во 2018-та, кој изнесува околу 69,4 милиони евра. Филмските работници искажаа незадоволство поради кратење средства за Агенцијата за филм со протест пред Министерството, кое смирувачки им одговори дека филмската дејност нема да биде загрозена - ќе се најдат пари со пренамена или ребаланс, но за проекти кои ги исполнуваат критериумите за квалитет.

Протест од друг мотив претходно во декември изразија актерите на МНТ од претставата „Ничија земја“. Не ја одиграа сакајќи да покажат солидарност со нивниот колега, актерот Владо Јовановски, кому дента му беше одреден притвор за насилните настани во Собранието.

Тоа е културната политика и политиката во културата во Македонија, а како мал осврт на културата во светот во 2017-та, вреди да се спомнат два настана. Се случија во ноември во Азија, на Блискиот и на Далечниот Исток.

Во Обединетите Арапски Емирати беше отворен грандиозниот музеј „Лувр Абу Даби“. Емиратите ѝ платија на Франција милијарда евра за експертиза и за името „Лувр“ кое музејот ќе има право да го користи 30 години, како и за 300 дела што секоја година ќе бидат позајмувани од различни париски музеи.

Во културниот центар Бинхаи во Тијанџин во Кина, пак, беше отворена библиотеката „Окото на Бинхаи“ со огромен сферичен аудиториум, проект на холандски архитекти и локални дизајнери. Футуристичката градба во пет нивоа и скалести полици е дом на 1,2 милион книги. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Конференција на министрите за култура во Давос: За култура во срцето на урбаното планирање

Во фокусот се заклучоците за Декларацијата која го промовира концептот на култура на изградба Баукултур (Baukultur).

Балет за деца „Снежана и седумте џуџиња“ во МОБ

Во последните два дена од месецов, како и на 2 февруари, ќе биде изведен балетот „Оревокршачка“ од Чајковски.

Последниот дел од трилогијата „Лавиринт“ во кината низ Македонија

Според режисерот Бол, ова е најголем филм кој го имаат досега направено и воедно најкомплицираниот.

„Писателот оддалеку“ на Владан Матијевиќ преведен на македонски

Владан Матијевиќ (1962) е меѓу најнаградуваните современи српски писатели – добитник е на највисоките книжевни награди во Србија.

НАЈЧИТАНИ