• 21 ноември 2017
  • Вести денес: 4
Плусинфо23:02 13 септември 2017 ● Прочитано 9631

Во Русија денес после пладне завладеало потполно лудило. Имено, налудничави и вознемирувачки анонимни телефонски повици за поставени бомби на многу јавни места во 17 градови, меѓу кои и Москва, ја потресоа Русија, пренесува Јутарњи лист.

Голем број на анонимни телефонски повици предупредувале на бомби поставени на железнички станици, пазари, аеродроми, универзитети, училишта, трговски центри, телевизиски редакции и владини установи, па дури и на Црвениот плоштад во Москва.

Сите се лажни

Неофицијалните информации од службите за безбедност велат дека „со оглед на огромниот број на повици, сите тие можат со голема доза на сигурност да се сметаат за лажни“. Експертот за разузнавање и пропагандна војна, Андреј Масаловиќ изјави за порталот на „Московски комсомолец“ дека станува збор за силен хакерски напад, како нов метод на специјална војна и обид за дестабилизација на политичката и безбедносна ситуација во земјата. Компјутерските експерти велат дека повиците биле направени од IP телефонија.

И покрај тоа, беа извршени евакуации на десетици илјади граѓани во сите градови. Многу е веројатно дека Русија се најде на удар на хакери, бидејќи, како што пишуваат руските медиуми, сѐ било изведено технолошки беспрекорно и се отфрлаат сомневањата дека тоа е дело на некој лудак, иако тие повици ни од оддалеку не се безопасни. Од Кремљ малку ја коментираа бизарната ситуација, велејќи само дека прашањето за повоците треба да се упатат на безбедносните агенции кои ги извршуваат сите потребни истраги и акции.

Полицијата и армијата ги испитуваат детално сите места во потрага по бомбите, а до сега московските медиуми јавуваат дека не е пронајдена ниту една поставена направа.

Анонимни повици

Повеќе од 50.000 луѓе се евакуирани само во Москва. Руските медиуми објавија дека „анонимните повици“ почнале да пристигаат од 10 септември, но кулминацијата се случила вчера, кога само во Москва имало повеќе од 30 предупредувачки повици, а уште повеќе во 12 градови низ Русија. Според извештаите на руските медиуми повиците за поставени бомба од неделата до вчера, биле забележани освен во Москва, во Петрозаводск, Иркутск, Абакан, Томск, Саратов, Јакутск, Хабаровск, Перм, Чељабинск, Уфа, Омск, Владивосток, Магадан, Краснојарск , Екатеринбург, Новосибирск и островот на Далечниот Исток, Сахалин. Целта секогаш биле места каде што се собираат голем број на луѓе: станици, трговски центри, аеродроми.

Во Москва беа евакуирани Казанската, Ленинградската и Киевската станица, трговскиот центар ГУМ што се наоѓа на Црвениот плоштад потоа Капитолиј, Метрополис, Город, Фестивал, Шчолково, Афимол, Варшавски, Кожевник, Медицинскиот факултет Сеченов, Економскиот факултет Плеханов, Факултетот за меѓународни односи и Академијата на Министерството за правда. Московските медиуми истакнуваат дека евакуацијата се одвивала без поголеми проблеми, и немало паника поради огромниот број на места каде што се спроведуваше.

Нема прецизни информации за тоа како доаѓале повиците, но она што е познато е дека тоа биле претходно снимени гласовни пораки кои биле пратени преку интернетска телефонија. Една од пораките била снимена во градот Уфа и вчера беше објавена на руската национална телевизија.
„Експлозивна направа е поставена во зградата. Евакуирајте ги луѓето, повикајте тимови за демонтирање на бомби и имајте на ум: ова не е вежба, дали ме сфативте?“.

По ваква порака е сосема јасно дека ниту еден градоначалник нема да дозволи повикот да го смета за несолена шега. Извор од безбедносните служби му рече на провладиниот весник „Комсомолскаја правда“ дека измамите се резултат на сајбер напади кои се организирани во Украина, но за тоа не се дадени било какви аргументи. Инаку вообичаено е Москва и Киев да се обвинуваат секогаш кога ќе дојде до вакви ситуации. Еден ИТ експерт за безбедност изјави, под услов на анонимност, дека станува збор за напад кој доаѓа надвор од земјата. Гувернерот на Ставропол рече дека тоа е телефонски напад и дека дошол од надвор, а една телефонска компанија соопшти дека станува збор за „меѓународен виртуелен оператор“.

Узбекистанец се разнесе

Да потсетиме дека на 3 април оваа година беше извршен терористички напад во метрото во Санкт Петербург, каде што бомбаш-самоубиец се разнесе, тоа беше узбекистанецот Акбаржон Џалил. Тогаш девет лица беа убиени, а десетици беа повредени.

Оваа операција сигурно предизвика голема загриженост во политичкото раководство на Москва кое во последниве месеци уживаше во информациите од САД, каде што токму нивните стручњаци се обвинуваа дека директно влијаеле на резултатите од претседателските избори во 2016 година. Затоа е повеќе од јасно дека Кремљ ќе се впушти во сериозна операција која ќе има за цел да се открие виновникот, а ако тоа е навистина Украина, можно е да дојде до влошување на односите кои во последно време се смирија и на воен план. 

Тежок шамар на Путин еден ден пред воената вежба

Рускиот претседател Владимир Путин денес беше еден од најбесните луѓе на светот. Покрај него сигурно седеле министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Генадиј Герасимов. Токму овој последниот го смисли хибридниот модел на војување и го применети во Украина, а сега и самиот се најде под оган на тој модел. Веројатно се прашувале кој е сторителот, а многу повеќе ги мачел фактот дека нападот го погоди срцето на Русија, Црвениот плоштад, токму еден ден пред почетокот на најголемите воени вежби што се одржуваат на секои четири години – „Запад 2017“.

Тие ќе се одржат во Белорусија и Калининград, а наводно ќе се вежба одбраната, иако некои разузнавачки извори велат дека ова е операција за напад на Балтикот.

Затоа ваков моќен сајбер напад врз Русија само еден дена пред почетокот на „Запад“, која требало да ја покаже супериорноста на руската армада на Балтикот и сила пред која треба да потклекне и НАТО, претставува многу жешка шлаканица и за Путин и за Герасимов. Со ова всушност, сето позитивно влијание што Западот требаше да го има на руската и светска јавност е поништено и доведена е во прашање оправданоста на таа вежба. (Жељко Тркањец)

 

Подготви: А.Ј.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Лондон е посакувано засолниште за прогонети, за крадци и авантуристи

Главниот град на Англија е посакуван за азил на луѓе со вишок пари кои се кријат од правосудството, а градот им ја пружа и посакуваната анонимност.

Мочуришниот хотел: Трамп Интернешенел, Авенија Пенсилванија 1100

Во историјата на овој град не е забележано претседател, со своето име напишано со огромни златни букви, да ја промовира сопствената компанија.

НАТО: Немаме таен план за Западен Балкан

Официјалниот претставник за Русија и Западен Балкан од одделението за јавна дипломатија во НАТО оцени дека регионот се движи во вистинска насока.

Трамп номинираше истребувач на духови за нов федерален судија

Блогерот Тали никогаш не бил судија, а Американската адвокатска комора тврди дека тој е неквалификуван за тоа место.

Кои се најплатените пратеници во државите на Европската унија?

Постојат огромни разлики меѓу платите и трошоците на пратениците во државите на ЕУ.

НАЈЧИТАНИ