• 22 септември 2017
  • Вести денес: 3
Плусинфо00:52 13 септември 2017 ● Прочитано 646

Ако прашате просечен член на демократите во САД денес кој е најголемиот претседател на неговата партија во 20 век, а кого особено го ценат, многумина, ако не и повеќето, би рекле, Џон Ф. Кенеди. Од него попопуларен би можел да биде само Франклин Делано Рузвелт. За републиканците, од друга страна, не постои сомнеж дека повеќето ќе го изберат Роналд Реган, кој стана своевиден суперхерој и симбол на таа партија, пишува Данијал Хаџовиќ за Либерални форум.

Земајќи ги во предвид денешните непремостливи разлики кои постојат меѓу двете американски партии, и особено меѓу нивните гласачи, би се стекнал впечаток дека Кенеди и Реган биле двајца претседатели со сосема спротивни политички ставови и различни идеологии. Но, дали е тоа навистина така?

Ајде да погледнеме некои од нивните постапки и идеи.

Кенеди беше несомнено страствен антикомунист, еден од најголемите меѓу американските претседатели. Иако дојде на власт за време на Двајт Ајзенхауер, неговиот претходник, Кенеди беше решен да го собори режимот на Кастро кој се сврте кон Советскиот Сојуз и комунизмот. За таа цел, со помош на кубанските бегалци планираше и финансираше инвазија во Заливот на свињите која заврши со фијаско. Исто така, за време на мандатот на Кенеди присуството на американските војници во Јужен Виетнам, кој беше под постојан напад од комунистите од северот беше зголемено. Иако многу демократи денес тврдат дека под Кенеди американското присуство и војната во Виетнам немаше да ескалира на таков начин како што се случи под водство на неговиот наследник Џонсон, самиот Кенеди во 1963 година изјави дека иако САД таа војна не може да ја добие за Јужен Виетнам, повлекувањето од неа би била „голема грешка“. Кон Советскиот Сојуз имаше цврст и непоколеблив став, па земаше во обѕир и нуклеарна војна против него како реална можност.

Исто така, во економски поглед Кенеди беше голем поборник на низок дефицит, силен долар, слободна трговија и намалување на даноците, слободната иницијатива и ниските даноци. Во врска со ова треба особено да се истакне тоа што Кенеди ги намали даноците, од кои е најсликовито намалувањето на астрономски високата маргинална стапка на данок на доход од 91% на 70%.

Ннамалувањето на данокот Кенеди го оправда со зборовите: „Економија оптоварена со прекумерни даноци никогаш нема да обезбеди доволно буџетски приходи, како и што никогаш нема да создаде доволно работни места“.

Би се рекло Lafferova крива, години пред да биде создадена. За време на неговото кратко претседателство, буџетските дефицити во САД беа многу ниски.

- Не верувам во супер држава - рече тој во говорот во 1960 година во кој се прогласи за либерал, и продолжи: „Не гледам никаква магија во даночните долари кои се испратени во Вашингтон, а потоа вратени назад", поедноставено изразувајќи ја на овој начин критиката на кејнзијанската економија на прераспределба и потрошувачка. Исто така, Кенеди како класичен либерал го открива и следнава изјава: „Не ми се допаѓа државна принуда кога доброволните индивидуални напори може да ја завршат работата, и тоа добро“.

Роналд Реган, од друга страна, кога влезе во Белата куќа во 1981 година, беше решен да покаже заби на комунизмот и од левичарската американска јавност беше сметан за опасност поради неговиот речиси милитантен антикомунизам. И тој како Кенеди веруваше во силна војска, и со цел да се бори против комунизмот нагло го зголеми воениот буџет. Советскиот Сојуз го нарекуваше „Империја на злото“. Наскоро го принуди на геополитичко повлекување, а потоа и да седне на преговарачка маса. Во годината кога ја напушти Белата куќа, падна Берлинскиот ѕид. Следната година се распадна и Советскиот Сојуз.

На економски план исто како и Кенеди ги намали даноците, од што највпечатливо е намалувањето на маргиналните стапки, овој пат од 70% на 28%. Во своите настапи Реган посветено и одлучно, како веројатно ниту еден друг американски претседател во историјата, заговараше мала и ограничена држава, ниски даноци, слободна трговија и слободно претприемништво. Во однос на трошењето на јавните пари, и не беше толку дисциплиниран, па долгот на САД дури и го утростручи, но имајќи ја во предвид Студената војна која ја довршуваше, тоа можеби беше цената која и не беше лошо да се плати.

Иако во меѓувреме станаа симболи на непомирливо спротивставени политички опции во САД, Кенеди и Реган беа идеолошки веројатно и најслични американски претседатели во 20-от век. И двајцата веруваа во ограничена улога на државата, слободен пазар, ниски даноци, но и силна војска. Се разбира, во нивните погледи имаше и значителни разлики, првенствено во однос на социјалните вредности каде што Реган многу повеќе ја истакнуваше важноста на традицијата и религијата, а Кенеди беше повеќе ориентиран кон човековите права, но нивните класично либерални идејни темели во суштина беа идентични.

Па како тогаш едниот стана идол на американската левица а другиот на десницата? Прво треба да се има на ум дека американскиот политички живот порано ни приближно не беше толку јасно идеолошки поделен како што е денес. Денес Демократската партија ја знаеме како партија која се залага за зголемување на данокот за најбогатите Американци, поголема јавна потрошувачка, поголеми социјални давачки, и општо поголема улога на државата во општеството, додека Републиканците се залагаат за сосема спротивни работи: смалување на данокот и големината на државата. Сепак, ваквата идеолошка поделба е од релативно понов датум.

Така, некогаш беше возможно демократот Кенеди да ги намалува астрономски високите даноци што ги наследи од својот републикански претходник Ајзенхауер, а Регановиот наследник George H. W. Bush, иако и самиот републиканец, повторно да ги подига.

Денешните Демократи Кенеди го гледаат пред се како харизматичен лидер и борец за човечки права, но неговиот изразит антикомунизам и економските политики главно ги преќутуваат. Да беше жив Кенеди денес со своите погледи и идеи веројатно ќе беше многу подобро прифатен во Републиканската отколку во Демократската партија. Со отворено декларираниот социјалист Берни Сандерс тој тешко дека има некаква поголема врска.
 

Подготви: А.Ј.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Каталонскиот референдум како „домино ефект“ за промена на границите во Европа

- За првпат од падот на Берлинскиот ѕид зборуваме за промена на границите. Може да има домино ефект - рече Борел.

Хиперпродукција на цинизам

Како го убиваат критичкото мислење и го свртуваат вниманието од потполната пропаст на општеството и економијата.

Јорико Јасукава: Што научив по 35 години работа за ОН

Понекогаш најдобрите можни одлуки на ОН, ако тие вклучуваат помирување на различни верувања и интереси, се дефектни и фрустрирачки компромиси.

Јазични вриежи во Украина

Во Украина денеска работат 581 руски училишта, 75 се романски, а 5 полски. Од 2020 година сите училишта ќе држат настава само на украински јазик.

Ведрана Рудан: „Сфатив, деца мои, дека не ве сакам повеќе“

Денес, за мене, деца мои, е голем ден. Се разведуваме. Пукнав.

НАЈЧИТАНИ