• 22 септември 2017
  • Вести денес: 3
Плусинфо17:45 11 септември 2017 ● Прочитано 2559

Само една недела отако ураганот Харви го погоди Тексас, три нови урагани се формираа над Атлантикот - Ирма, Катја и Хозе. Веќе извесно време сме сведоци на ужасни сцени на огромни бранови што поплавуваат цели градови, превртуваат автомобили и уништуваат згради.

Како настануваат ураганите и зошто се вртат?

Поради тоа на сè поголем број луѓе им се наметнува прашањето - дали влегуваме во ерата на апокалиптични бури? Научниците веќе извесно време предупредуваат дека зголемувањето на температурите на морињата и океаните доведува до зголемување на моќта на природните атмосферски феномени.


Факт е дека ураганите стануваат се посилни. Просечниот број на бури од категориите 4 или 5 повеќе од двојно се зголемија од 1900 година, а расте и брзината на ветерот кај овие стихии. Благиот пораст на нивото на морето е доволен за појава силните плими, што често ги следат ураганите, да почнат да се движат од повисока почетна позиција и со тоа да прават поголеми штети, пишува британскиот Телеграф, а пренесува Индекс.

На пример, поплавите како оние што следеа по ураганот Харви и го потопија Хјустон во просек треба да се случуваат еднаш во 500 години, а Хјустон доживеа три во последните три години. Ураганот Ирма е најсилниот ураган што било кога е забележан во Атлантикот, а најлошо помина островот Барбуда, кој е речиси целосно уништен.

Ураганите стануваат се почести и посилни, но убиваат се помалку луѓе - зошто?

Но, интересно е дека студиите покажуваат дека ураганите стануваат се помалку смртоносни, иако нивниот број и сила растат со текот на времето. Имено, бројот на смртни случаи ширум светот од екстремни временски прилики опадна за 90 насто од 1900 година. Како да се протолкуваат овие бројки? Веројатно главниот фактор е се поголемата прецизност во предвидувањето за патот на ураганите.

Да потсетиме, ураганот Катрина резултираше со смрт на околу 2.000 луѓе. Но, предвидувањата за патот на ураганот од ураганот Катрина до денес станаа двојно попрецизни, што овозможува властите на време да ја организираат евакуацијата на населението и да се подготват за претстојното смртоносно невреме. Конкретно, предупредувањата за неизбежното доаѓање на ураганите сега можат да се издадат 12 часа побрзо од порано, што во многу случаи ја прави разликата помеѓу животот и смртта.

Вториот фактор е нивото на подготвеност за пристигање на ураганот. На пример, во 2005 година жителите на Њу Орлеанс беа повикани на евакуација само еден ден пред доаѓањето на ураганот Катрина, па илјадници луѓе се заглавија во сообраќајот обидувајќи се да избегаат.

Во случајот со ураганот Харви, кој удри на Тексас минатата недела, на луѓето им беше кажано да останат во своите домови или да одат во локалните засолништа.

Третиот фактор е финансирањето. Пред ураганот Катрина, федералните власти опфаќаа само 17 отсто од трошоците за спасување и обезбедување помош за жртвите. Сега оваа бројка се зголеми на 62 проценти.

Еден од факторите што одговара на прашањето зошто се помалку луѓе умираат од ураганите кои стануваат сè почести и посилни гласи - домашни миленици. За време на ураганот Катрина, дури 44 отсто од луѓето што одбиле да ги напуштат своите домови рекле дека се одлучиле на тој чекор затоа што се плашат за своите миленици. Овие денови повеќето од официјалните засолништа ги примаат и животните.

Заклучокот е дека големите бури навистина се влошуваат, но луѓето стануваат се подобро обучени во борбата со нивните последици - подобри од кога било досега.

 

Што со климатските промени?

Доколку големите бури навистина стануваат сè почести и посилни поради климатските промени, ќе остане ли ваквиот тренд? Како што известува Телеграф, можно е како цивилизација и тука да сме ја досегнале „пресвртната точка“. Имено, светските лидери упатија јасно предупредување пред девет години за затоплувањето на атмосферата поради прекумерните емисии на јаглерод диоксид: „Имаме помалку од 50 дена за да ја утврдиме насоката за следните неколку децении“.

Оттогаш глобалните емисии на CO 2 го достигнаа својот врв. Иако некои влади сé уште заостануваат по ова прашање, во реалниот сектор е постигнат договор дека климатските промени предизвикани од човековите активности мора да бидат прекинати. Поради тоа цената на „зелената“ енергија драстично се намалува. Соларната енергија, исто како енергијата на ветерот, сега се поевтини од фосилните горива во повеќе од 30 земји. Во Велика Британија емисиите на јаглероден диоксид се на најниско ниво од 1894 година, па дури и кинеските емисии се стабилизирани.

Таквиот тренд треба да продолжи, заклучува Телеграф, а сега постои и надеж дека можеме да ги избегнеме или минимизираме последиците од новата ера на апокалиптични бури.

 

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Каталонскиот референдум како „домино ефект“ за промена на границите во Европа

- За првпат од падот на Берлинскиот ѕид зборуваме за промена на границите. Може да има домино ефект - рече Борел.

Хиперпродукција на цинизам

Како го убиваат критичкото мислење и го свртуваат вниманието од потполната пропаст на општеството и економијата.

Јорико Јасукава: Што научив по 35 години работа за ОН

Понекогаш најдобрите можни одлуки на ОН, ако тие вклучуваат помирување на различни верувања и интереси, се дефектни и фрустрирачки компромиси.

Јазични вриежи во Украина

Во Украина денеска работат 581 руски училишта, 75 се романски, а 5 полски. Од 2020 година сите училишта ќе држат настава само на украински јазик.

Ведрана Рудан: „Сфатив, деца мои, дека не ве сакам повеќе“

Денес, за мене, деца мои, е голем ден. Се разведуваме. Пукнав.

НАЈЧИТАНИ