• 24 ноември 2017
  • Вести денес: 39
Плусинфо20:55 06 септември 2017 ● Прочитано 6266

Малку е познато дека Доналд Трамп со своите „оган и гнев“ не е првиот американски претседател кој се заканувал на Северна Кореја со нуклеарна војна.

Имено, на почетокот на Корејската војна – која, вреди да си припомниме, ја почна Северна Кореја со инвазија на јужниот сосед, американски сојузник - кога на страната на Северот во војната влезе Кина и се чинеше дека ќе ја порази коалицијата на Обединетите нации, предводена од САД, претседателот Хари Труман отворено им се закани на овие две непријателски земји со нуклеарен напад.

„Секогаш постои активно разгледување на нејзината примена (на атомската бомба). Но, јас не сакам да ја употребам. Тоа е ужасно оружје ...“, одговори Труман на новинарско прашање во врска со нуклеарната опција, а на дополнителното прашање за целите кои евентуално би ги погодиле, возврати дека „тоа е прашање на кое ќе одговорат воените сили“.

Иако Белата куќа во истиот ден издаде соопштение за медиуми во кое појасни дека „разгледување на употребата на било кое оружје секогаш е имплицитно кога се поседува такво оружје“, но претседателот не „дал такво одобрение за употреба на атомска бомба“. Но веќе беше премногу доцна за да се спречи скандалот. Поддршката на Корејската војна во целина падна и меѓу американските гласачи и меѓу американските сојузници во ОН.

Дебаклот стана пример од учебник како не треба да се води нуклеарна дипломатија – се до Трамп и неговите „оган и бес“, 67 години подоцна, пишува Пол Мејсон за Гардијан, а пренесува Индекс. А по шестиот севернокорејски нуклеарен тест во серија, се чини дека Трамп е подготвен да ја продлабочи штетата: ја обвинува Јужна Кореја за „удоволување“ на Северна Кореја, се заканува со санкции на Кина и на другите трговски партнери на Северна Кореја, и предупредува дека таа земјата „разбира само едно нешто“ - сила.

Нуклеарните „јастреби“ сепак не го употребија ова оружје

Трамп всушност со децении покажува истовремено фасцинација со нуклеарното оружје и загрижувачко неразбирање на концептот на взаемно одвраќање од неговата употреба. Но, тој дефинитивно не е единствениот - за дел од американските десничари, т.н. „јастреби“, нуклеарната војна отсекогаш била можност која тие активно ја разгледувале. Дипломатот Paul Nitze, кој лично бил сведок на нуклеарниот напад врз Хирошима во 1945 година, бил изненаден од фактот дека многумина преживеале во близина на самиот удар на атомската бомба и дека бројот на загинати и повредени не бил драматично повисок од последиците на конвенционалното бомбардирање на Дрезден и Берлин.

Иако пред крајот на неговиот живот станал поборник за нуклеарно разоружување, во поголемиот дел од неговата кариера тврдел дека САД мора да верува дека може да започне, да преживее и да победи во нуклеарна војна ако навистина сака да ја обесхрабри. Се чини дека на ист начин резонира и Трамп, заедно со некои од неговите неодамна сменети советници, како Стив Бенон, кој очигледно му ја наметнал идејата на Трамп да ја искористи Северна Кореја за индиректен конфликт со Кина.

Но американските нуклеарни „јастреби“ од Труман до Буш постариот, никогаш не иницираа нуклеарна војна. Дури и најагресивните меѓу нив разбираа дека тие имаат одговорност за целиот меѓународен систем во кој САД играат клучна улога. Кога тој систем стана „униполарен“ по распадот на Советскиот Сојуз, нивните илузии за апсолутната глобална моќ на САД барем ги завршија фантазиите за нуклеарно уништување, тврди Мејсон.

Свртување на Јужна Кореја и подемот на Кина

Парадирање со балистички ракети и нуклеарно тестирања беа за слабаците како Северна Кореја. Но, САД е сега таа што испадна слаба, а реториката на Трамп совршено го илустрира тоа.

Несигурната демократија во Јужна Кореја сепак се покажа како поефикасна од американската кога поранешната претседателка Park Geun-Hye беше сменета по масовните протести, под обвинение кое е многу помалку сериозно од оние кои во јавноста му се припишуваат на Трамп. Новиот претседател на Јужна Кореја Мун Џае-ин ја освои власта со ветувањата за укинување на законите за национална безбедност со кои се вршеше репресија над левицата, водење на надворешна политика независно од Вашингтон, стремење кон помирување со Северна Кореја и спречување на распоредувањето на американскиот одбранбен ракетен систем THAAD - иако од ова последното се откажа по новиот провокативен потег на Пјонгјанг.

Свртувањето кон лево во јужнокорејската политика делумно се должи на сфаќањето дека САД веќе не е униполарен светски хегемон и дека Кина станува нов хегемон на Пацификот, како и Русија во „Евроазија“. Униполарниот свет се повеќе го заменува хаотичниот, мултиполарен систем во кој овие две сили играат се поголема улога.

Нуклеарниот напад би ги научил Кина и Русија дека можат да го сторат истото

Што ако сепак дојде до нуклеарен конфликт? На пример, во случај Ким Јонг-Ун да одлучи да испали проектил со нуклеарна боева глава кон Јапонија или Гуам? Трамп најверојатно ќе одговори со две или три нуклеарни бомби на севернокорејските воени цели, вклучувајќи ја и нејзината морнарица. Ќе следи кратка, но разорна конвенционална војна во која ќе биде уништен Сеул и поголемиот дел на Северна Кореја. Шокираната Кина би сфатила дека гадно погрешила во проценката и би се воздржала од влегување во војна. Ова сценарио, и покрај безбројните жртви, веројатно би било најмалку лош исход од првиот нуклеарен напад по 1945 година.

Но, која лекција од тоа би ја извлекле Кина и Русија? Веројатно таа дека нуклеарното оружје може успешно да го искористат за сопствените геополитички цели - и дека нуклеарното уништување не е морално неприфатливо.

Во светот во кој моќта на САД слабее, уривањето на нуклеарното табу би го направил светот поопасен: и директно, од очигледни причини, и индиректно, бидејќи воспоставувањето на новиот мултиполарен систем кој би бил врз основа на договори и консензуси ќе стане значително потешко. Последиците би биле незамисливи.

Бенон во Белата куќа водеше студена војна со поранешните генерали - Х.Р. Мекмастер, Џон Кели и Џим Матис – и ги етикетираше како склони кон рационализација и компромис. Но во вакви услови компромисот е рационален, заклучува Масон. Тоа не значи да се прекине со промовирање на демократијата во земји како Северна Кореја и Кина или еднострано повлекување на своите воени сили – туку значи сериозно да се разговара со другата страна.

 

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Стоп за стабилократијата, зајакнување на демократските институции

Важно е Европската Унија да ги научи лекциите од македонското искуство.

Монако во следните десет години очекува околу 2.700 нови милионери кои ќе бараат станови

Принципатот речиси целосно остана без станови и градежно земјиште што се нудат на продажба, а има се повеќе заинтересирани купувачи.

Медиумите пред објавување на пресудата на Младиќ: „Кампања на солзи“

Наместо за тоа за што е обвинет и зошто му се суди на Ратко Младиќ насловните страници пресудата ја чекаат со текстови за здравствената состојба.

Политички земјотрес во Берлин, што сега?

Математички и политички се исцрпени сите опции освен евентуално малцинска влада на Ангела Меркел за која шансите се минимални.

НАЈЧИТАНИ