• 23 февруари 2018
  • Вести денес: 71

Македонија и Грција треба да постигнат договор за ново меѓународно име на нашата земја, сложенка во чија основа ќе биде зборот Македонија. Тоа име и другите решенија што ќе се договорат на ниту еден начин не смеат да го засегнат правото на македонскиот народ во меѓународни рамки да се именува како македонски, а така да го именуваме и својот јазик. Основните одлики на нашиот национален идентитет не смеат да бидат загрозени.

Ова е начелниот став што го споделуваме редакцијата на „Слободен печат“, редакцијата на Плусинфо и јас лично. Тоа не е преговарачка позиција, бидејќи ние не преговараме за името – преговара Владата. Никој од Владата со мене и со нас не разговара и не очекуваме да разговара за овие прашања. Во извесна смисла, тоа нѐ прави комотни, бидејќи разговорите и консултациите вообичаено создаваат обврски меѓу страните кои си пристапуваат со доверба. Бидејќи тоа сега не е случај, сите сме „комотни“ да си ја бркаме својата работа, секој како што најдобро знае и умее.

Нашата работа е да ја информираме јавноста за процесот, сѐ до финалниот предлог. Не е наша работа да шпекулираме и да се изјаснуваме за секој „предлог“ за кој ќе се слушне овде или онде. Ако финалниот предлог биде во согласност со нашиот начелен став што го соопштив на почетокот, ние од сѐ срце ќе го поздравиме и ќе се залагаме да го прифати и нашата јавност. Никој нема да мора тоа од нас да го бара. Обратно, ако финалниот предлог не е во согласност со тој став, нема да има потреба со никого да се договараме и да се убедуваме - ние нема да поддржиме предлог што ќе го оспори македонскиот идентитет, но ќе оставиме таквото решение (ако до него воопшто дојде!) да си го бранат другите.

Значи, јасни сме – ние и Владата за ова немаме и нема да имаме никаков посебен договор, ниту било каков посебен спор што ќе треба да го решаваме. Работата е јасна како бел ден!

Во меѓувреме, сакам да нагласам дека двете редакции и јас како уредник, нема да се изјаснуваме за поединечните предлози од македонска, од грчка страна или од некоја трета страна. Така се однесувавме и до сега. Тоа е така затоа што ние немаме никакви уверливи информации за преговарачките позиции на Атина и на Скопје и за предлозите на медијаторот Нимиц. Немаме и не бараме од никого. Дури и кога би дошле до такви информации, не би ги соопштиле јавно, за да не го загрозиме преговарачкиот процес. Единствена отстапка од ова правило направивме кога грчката страна го тестираше предлогот за спојување на придавката со името Македонија, што би значело ново име, а со тоа и нов идентитет. Рековме дека тоа за нас не е прифатливо.

На оние кои се без основни познавања за тоа како функционираат медиумите, сакам да им појаснам дека уредувачката политика на медиумите ја изразуваат уредништвата, а за вакви важни прашања, најчесто низ перата на водечките уредници. Тоа ќе го сториме одговорно и транспарентно, во посебни уводници, со јасна назнака дека тоа се ставови на редакциите.

Во меѓувреме, двата медиума ќе ги објавуваат мислења и погледи на колумнистите, при што во Волтеровска смисла ќе се трудиме да бидат застапени различни мислења, освен такви кои се директно спротивни на аспирациите на Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ. Ги почитуваме дури и таквите ставови, но авторите што ги споделуваат ќе мора да си побараат други медиуми во кои ќе ги пласираат.

Сѐ друго надвор од вака јасно дефинираните позиции на двата медиума, се само шпекулации и лаги за тоа што мислиме ние за спорот за името и за што се залагаме. Јас имав храброст за моите ставови за компромисно решение да пишувам кога речиси никој не смееше – во 2007 и во 2008 година, кога и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ цврсто стоеја на позиции против компромис. Затоа, не гледам причини било кој да се сомнева дека сега би постапил поинаку. Единствената разлика од она време е што сега сум постар десет години, а прлиња што трчаат пред магаре се намножиле, та нема нужда и јас да учествувам во нивната бесмислена трка и викотница.

Сѐ во свое време...

 

 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Заложничка драма

Патот до пеколот е секогаш поплочен со добри намери, како што рече еден плочкар, кој не го сфати вицот.

Како „малиот Мицковски“ ја замислува политиката

Се плашам дека овој или кратко ќе трае или неславно ќе заврши. Можеби и двете.

Пачавра - писание

Оние 200 будали се чини се турнати напред само да ја брануваат јавноста и да ги оттргнат погледите од тајните планови и инфилтрации што се случуваат вон вниманието на критичката заедница. Тие се одамна прочитана книга-пачавра.

Корупција – темно петно на политиката

Како и сè друго и во оваа сфера постои друга страна од моралноста, која, без оглед за каков општествено-политички систем станува збор, и без оглед на исклучоците од правилото, се јавува како константа - Моќта опива!

Идентитет и клаустрофобија

доколку се постигне договор (меѓународен), тоа не мора да значи дека ќе треба да чекаме тој целоснно да се сповреде за да влеземе во НАТО. Може ли договорот да вклучува, фази на пример, што мислите?

ПИСМА ОД ЛОНДОН Полнички, слабички, мода и бизнис

Оние што ги фрлија алиштата што ги носеа во осумдесеттите години – е па да им е криво, ако сакаат да ја следат тековната мода, ќе мора да купуваат ново и да си велат – е вакво слично имав.

Буркина Фасо

Ако станеме Горна Македонија ние не би можеле да станеме и Буркина Фасо, тој домеин веќе е зафатен, но би можеле да бидеме Буркина Ласо или, помакедонски: Буркина Ортома!

БОМБА НА МИЛЧИН Им го кажа она што го мислиме многумина!

Сум чул дека некои од младите маоисти во Владата, за постовите и настапите на Милчин коментирале - а бе што сака сега стариов?! Каков безобразлук! СДСМ, внимавајте, Владе Милчин зборува во името на многу што ги споделуваме неговите чувства!

Со оваа земјоделска политика, го испушивме!

СДСМ, очигледно, нема ни волја ни храброст за вистинска земјоделска земјишна реформа којашто, на среден и долг рок, ќе го оправат македонскиот, наводно, стратегиски сектор на земјоделието. Вака, најверојатно го испушивме!

Бојата е иста, во прашање се нијанси!

Многумина забележуваат и се вчудоневидени зошто денес во Македонија нема суштински изразени идеолошки разлики! Од реченото, логично произлегува дека и едните и другите припаѓаат на истото поимање на политиката. Боја иста, прашање се нијанси

НАЈЧИТАНИ