• 21 јануари 2018
  • Вести денес: 0

Кога говориме за стандарди, кај нас речиси ниту еден поим (во културата) не е компатибилен со европската култура. Говорам за суштината, не за формата, односно не дека ние немаме музеи, галерии, театри, библиотеки и слични „културни“ институции туку како тие функционираат, врз основа на кои и какви параметри (читај: стандарди!), со какви средства, со какви програми … И со каков кадар! Иако, по правило, секогаш се залагаме за некаква европеизација или професионализација на институциите, која што никогаш во праксата не ја спроведуваме. Особено во изминатата деценија, за времето на стравовладата на мафијашката киднаперска група, која што воведе свои (главно лично-уличарски) „стандарди“ за тоа кој е професионалец, односно кој и за што е стручен, квалификуван, компетентен. Иако и тука има извесни, нели, разлики, но тоа би било претерано ситничарење во наши услови! Или, подобро речено, они намерно ги измешаа сите поими, нивната форма и суштина, се’ со цел да се сокрие трагата на разноразните бараби кои под фирмата на завршен факултет – каков и да е’, а особено со дополнителни (главно ефтино купени) магистерски и докторски титули кои што никому не му служат ама баш за ништо – се шверцуваа на директорски и менаџерски позиции што бараа(т) сериозни професионални и стручни стандарди и компетенции.

Или, ви текнува ли на муабетот на оние две будали – бившиот премиер и неговиот шеф на кабинетот – околу идејата за музејот на македонскиот хорор (која што трета будала дури и ја филмуваше небаре македонско ремек „културно“ дело!) и како тие двајца си разменуваа нивни „умни“ ставови и планови за тој иден музеј божем се врвни национални стручњаци музеолози а не само две партиски шушумиги со неограничена власт? Е тоа е приказната за македонската професионалност во културата, тоа беше/е’ нашата културна стварност во која што секој може да биде што ќе посака, може да дели препораки, совети, да прави планови, да управува со национални институции како да му се некакво семејно наследство. Кога од највисока државна функција некој ќе постави таков јавен „стандард“, тогаш добивате приказна во која што буквално секој може да си закачи беџ дека е некаков фактор во некоја област, само ако беџот е солидно партиски верификуван и ако персоната, илити партискиот испрдок, умее да се фотографира со препознатливиот им знак на трите прсти на едната рака (што, наводно, ја симболизирал целоста на Македонија!).

И тие и такви тропрсти „стандарди“ беа строго почитувани од злосторничката банда, како некаков знак, препознатлив код на некаква анахрона секта! Или, оние кои не се сеќаваат или не го слушнале „стручниот“ дијалог на двете спомнати шушупатки за основањето на музејот на македонскиот хорор, слободно нека го прочитаат писмото на онаа брбушка на пуфлата Канческа, онаа која глумеше директорка на Агенцијата за филм, а која што сега се жали низ белиот свет како некој овде ја сменил, а она не знае зошто, како она работеле стриктно по ПС, ама не кажува дека тоа ПС беше она на партијата на власт, па како она ти била некаква професионалка (останува нејасно во која област) и слични будалаштини. Таа дури го просветлува филмскиот свет дека и онаа криминална битпазарска зделка популарно наречена серија „Македонија“ била донесена во „crystal clear“ административна процедура! Заборава да го додаде само зборот „партиска“, што целосно ќе ја разјасни „процедурата“. И тоа за „професионалци“ од нејзиниот тип, овенчана дури со некаква “свечена грамота“, е врвен дострел во професијата на која што, всушност, никогаш и не припаѓала. Но, десетгодишниот културоцид во оваа земја спроведен токму од брбушки од тој тип ги остави во уверување дека тие навистина нешто знаеле и умееле, па сега запнале во тоа да го убедуваат и светот. И токму такви трампани „грамоти“, испазарени „проекти“, исцицани милиони и секакви „национални“ награди ги остави во уверување дека се некој и нешто во оваа култура. А сепак, кој ни е крив што ние цела деценија, самите срамејќи се од нивните злодела во културата како да се наши, не ги активиравме нашите контакти во светот објаснувајќи им ја вистината за Македонија? Ама затоа, сега, овие бараби да ти биле во „интелектуален, психолошки, социјален и политички шок“! А кога тие ја шиканираа целата македонска култура, десет полни години, од ден во ден, од месец во месец, тогаш другите не беа – во шок? Можеби беа во рајот, оној нивни, смрдлив, партизиран, криминален? И сега мислат дека заради нивната партиска професионалност не смеат да бидат сменети, па ни кривично гонети? Или треба да им подариме уште некоја грамота, како благодарност од упропастената македонска култура?

Но тие бескрупулозни натрапници поставија дузина (не)културни „стандарди“ кои што уште долго ќе се рефлектираат на македонската културна сцена. Тие партиски „стандарди“ од типот на брбушката и други (тропрстни) директор(к)и, на разноразни национално-партиски „уметници“, на лабилни полуписмени продуцент(к)и, на етноведети и остали квазипрофесионалци се вистинската смртна закана за денешната македонска култура. Зашто тие – а ги има премногу – всушност ја заматува реалната слика за тоа со што „на дело“ располага македонската култура и на што во иднина може да се надева. Само вистинската професионализација, онаа со име и презиме но и со реални биографии за стручноста и компетентноста, а вон недрата на партиските штабови, може да внесе сериозни и компетитивни стандарди според кои понатаму ќе се мери и одредува квалитетот како безмалу целосно заборавена категорија во културата и уметноста кај нас.

 

извор: Теодосиевски уметност

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Писма од Лондон: Фул Инглиш

Со индустриската револуција, Фул Инглиш стана достапен и за работничката класа која имаше два оброка дневно, со една разлика – стана прв, а големото количество калории и маснотии „ги држеа“ работниците сити цел ден.

Нашата мера се нашите тракатанци

Кај нас најмногу се произведува лупетање околу приказните за идентитетот, самобитноста, сувереноста, верата и нацијата, за нашата единственост во вселената: таквото лупетање владее онаму каде ништо друго и нема.

Македонски мазохизам

Арифи е во право, нема да поминат ниту десет години пред да почнеме да се срамиме од ставовите што денеска ги застапуваат професорките.

Грујо и златниот вардарски клен

Ние земавме со бел фекален експандиран полистирен го покривме и го префасадиравме нашиот модерен, просветен и еманципиран интернационалистички идентитет и го заменивме со лажен, ретрограден, профашистички мит за „крвта и земјата македонска“

Понудени, како почестени, па вие видете што ќе правите

Ја разбирам фрустрацијата на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и нивното демократско право да бојкотираат, но оваа политика на бојкот ќе мора наскоро да ја менуваат, оти во неа нема политика, туку само тврдоглав инает и недораснатост.

Лажни вести – лош глас за моќните

Речиси половина од сите жители на ЀУ, (46 отсто во 2016 година), консумираат вести главно преку социјалните мрежи и ги делат понатаму на интернетот без ни најмал напор за проверка на фактите.

Москополе

Отсекогаш сум сакал да научам влашки јазик, но никогаш не сум имал прилика.

Барок, Рококо и $ Охохооооо

Сега плачеме. Зошто не плачевме последните 11 години? Што сега? Доза заборав? Бевме многу уплашени? Па, ајде да се плашиме и сега.

Пет куршуми во телото на балканскиот мир

Ние сме на крстосница на која, можно е, сите семафори истовремено да покажуваат црвено или зелено светло. Затоа, изборот за тоа како да продолжиме, сепак, ќе биде наш.

Позајмувачи

Системот на „позајмување“ всушност и беше комплетно октроиран и елабориран токму од страна на државата и нејзините (највисоки) институции, што пак, нормално, потоа се шири како чума низ целото општество.

НАЈЧИТАНИ