• 19 септември 2017
  • Вести денес: 109

 

Прашањето што ми го постави Емануел Ристески од Прилеп, додека кај него си купував див снепер, ме однесе во неубави размисли: „Дали не мислиш дека Али Ахмети освојува нови пазари за албанскиот јазик?“

Без одговор си заминав од бучниот Викторија Маркет со подзината уста.

Емануел или Мане, како што си го викаат пријателите, не е обичен трговец со морска риба. Дипломирал на Вишата економска школа во Прилеп само една година пред Никола Груевски. Не ги продолжил студиите туку повторно заминал во туѓина. Разумен татко на четворица синови што се изразуваат на англиски, но и на македонски јазик како да се родени во Старикрај. Највозрасниот Димитар или Џими (16) пее како некогашниот прилепски славеј Јован Брмбески.

Побрзав да се доберам на клупа спроти океанот и загледан во брановите си поставив уште неколку слични прашања: „Што очи барав на крај на светот да издавам неделни весници, освен да најдам пазар за македонскиот јазик?„ Или: „Што сака Зоран Заев со милион тегли ајвар и малиџано во Австралија ако не бара нов пазар?“ Или: „Зошто се обедини Европа ако не беше идејата за големиот пазар?“

Па кој е најмудар во случајов?

Ќе се излаже секој што ќе покаже со прст на мене. Не само што остарев во овие три децении отаде морињата, и веќе не можам да се разберам со пребрзата асимилација, туку и весниците ми ги читаат само постари генерации. Патиштата на тие наши луѓе од ендемските печалбарски региони, како Пелагонија, Демир Хисар, Мариово, Преспа, Македонски Брод, Копачка, Малесија, Дримкол, Дебарца, водат право на гробишта. Биолошкиот живот нема милост туку само почеток и крај.

Младите наши поколенија се Австралијанци и по раѓање и по култура. Англискиот им е мајчин јазик. Само исклучителни родители како Мане на децата им ја вдахнуваат својата духовна задужбина.

Конечно, денес издавањето весници е најнеизвесната индустрија во светот. И „Њујорк тајмс“ годинава изгуби 200 илјади читатели, па што да речам јас со моите илузии за одржувањето на нашите културни и јазични традиции кај раселените.

Епитетот најмудар што тргнал да освојува пазари, било за ајвар или за својот мајчин јазик, останува само за Зоран Заев и Али Ахмети. Првиот си усовршил производ наречен „Мамас“ кој се бара на пазарот и носи добивка, а пак вториот си обезбедил силно политичко влијание, станал незаменлив партнер на сите македонски влади.

Ајде полека да резимираме. Ќе си речете Зоран Заев е најмудар не само затоа што е одличен стопанственик туку и затоа што е премиер во својата обожавана фаза. Од неговата уста сега излегуваат само медени зборови, како да е некој проповедник. Но ќе се излажете ако се обложите на него. Во Австралија без исклучок сите консументи на ајварот „Мамас“ се постари луѓе, доселени од Македонија, исто како читателите на моите весници. Прашање на време е кога трговците ќе му јават: „Зоки, не праќај веќе тегли со ајвар, младите не го јадат, а постарите изумреа“.

Прашањето што ми го постави агилниот Мане: „Дали не мислиш дека Али Ахмети освојува нови пазари за албанскиот јазик?“ не е тривијално, како што тој Али не е обичен келнер вратен од Швајцарија. Си создаде поволна клима за преуредување на Македонија во прилог на идните генерации. Херој во воени услови - херој во цивилни.

Да му се восхитуваш со каква леснотија ќе освои нов пазар за албанскиот јазик, наспроти шупелките во нашите редови.

А пак тој, јазикот, не оди без декорации: знамиња, попевки, напевки, силни инвестиции за измени во иконографијата на теренот. Прашање на време е кога стихот на славниот наш поет „И планините пеат на македонски“ ќе доживее трансформација. Е, не пеат веќе, со право ќе рече Али.

Додека Македонците за секој духовен производ ќе чекаат во редови пред Министерството за култура, затоа што малиот пазар ќе стане уште помал и ѓаволски комплициран, Албанците ќе си доаѓаат од матичната држава на тој јазик со вишокот на своите културни производи. Не само речници, лексикони, енциклопедии туку и сите други нишани од сферата на јазикот. Исто како Србите кои до 1965 година располагаа со 90 проценти од нашиот пазар со книги, весници, учебници, музикалии.

И јазичниот пазар е немилосрден исто како секој друг пазар. Ако си сматок нема да те купат ни твоите. Но за тоа по неколку дена. Сакам уште еднаш да се навратам на темата од колумната „Груевски не мора да ја потроши Македонија“ објавена на Плусинфо пред повеќе години.

Се плашам дека следниот пат кога ќе отидам по снепер кај Емануел Ристески, тој ќе ми постави некое поделикатно прашање: „Дали на виталните народи светот останува?“ Или пак нешто погорчливо: „Дали ние Македонците доживеавме афирмација и декаденција за помалку од сто години?“ 

 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

„Пресудата“

Од сите објавени фотографии и видеа од настанот, јасно се гледа јас физички не се пресметувам со никого, стојам и го издржувам нападот. Во таа смисла и во тој дел, соопштението на СЕММ, ако се однесува на мене, е клеветничко.

Гласајте за Коце

Коце не е авантурист. Тој оди на сигурно. За трамвајот не мрдна. И подобро што е така, велат злобниците. Знаејќи го каков е растрошен со туѓи пари, којзнае колку ќе не чинеше. Затоа гласајте за Коце, со него сигурно ќе се враќаме назад.

Бојата на глупоста

Кучешки некои времиња, друже бојосан Геро. Дон Геро.

Што ја прави нацијата силна?

Историјата е полна со примери на нации што биле, или се, малубројни, но нивните големи жени и мажи ги издигнале тие нации до олимписки височини и им обезбедиле просперитет.

Далмеида

Деновиве, во Република Македонија престојува едно од водечките европски имиња кои се занимаваат со светската манипулација и пропаганда.

Макијавели за напредни

Мислам дека е важно да не се откажеме набрзина од анализирањето на нашата неодамна падната диктатура и на постапките на нашиот мал диктатор кој сега седи уплашен во големата бела зграда.

Лажи Анѓо!

Прилог кон дебатата за амнестиите и помилувањата од затвореник кој за идеите за самостојна и суверена Македонија одлежа 12 години, а неговото барање за помилување беше отфрлено со лажни обвинувања за „шпионажа“.

Промоции

Какви се тие промоции на книги на кои нема да се продаде ни еден примерок, или изложбите на слики на кои нема да биде купено ни едно дело. Ако досега се обезбедуваше присуство со коктели, сега ќе мора тоа да се прави и со хонорари.

Арамиско гнездо

Дали, по тешката деценија низ која минавме, сега треба да очекуваме години на преџвакување на преживеаното? Преџвакување без заклучница.

Подарок за вечност

На пример онаа певицана, со само петнаесетгодишен стаж на сцената, навистина ли верува дека дала „исклучителен придонес во градењето и унапредувањето на културата и уметноста на Република Македонија.

НАЈЧИТАНИ